Што е каско осигурување?

Под каско осигурување се подразбира осигурување на конкретно моторно или приклучно возило само од одредени ризици (опасности), и доколку се случи осигураното возило да биде оштетено или уништено токму од тие ризици (опасности) осигурителната компанија ќе му ја надомести штетата на сопственикот на возилото.

Значи за разлика од автоодговорноста каде не се осигурува моторното или приклучното возило, туку се осигурува одговорноста (вината) на сопственикот на возилото, во овој случај т.е. со каското осигурување се осигурува моторното или приклучното возило.

Каско осигурувањето на возилото е доброволно и зависи од желбата на договорувачот на осигурувањето, односно на сопственикот на возилото дали возилото ќе го осигура од “каско” ризици.

Што е предмет на осигурување?

Предмет на каско осигурување се моторните и приклучните возила.

Под моторно возило се подразбира возило на моторен погон што се движи со силата на сопствен мотор, освен возилата кои се движат по шини. Моторното возило е наменето првенствено за превоз на лица и предмети на патиштата или служи за влечење на приклучни возила наменети за превоз на лица и предмети.

Под приклучно возило се подразбира возило наменето да биде влечено од возила на моторен погон било да е конструирано како приколка или како полуприколка. Значи приклучното возило нема сопствен моторен уред за движење.

Ако посебно се договори предмет на каско осигурување може да биде и дополнителната опрема која купувачот на возилото ја вградил после купувањето на истото:
- Алат
- Дополнителна опрема и уреди наменети за возилото кои се дополнително вградени, прицврстени, односно ставени во возилото
- Радиоапарат кој не е вграден од производителот на возилата.

Кои ризици (опасности) се опфатени?

- Сообраќајна незгода - судар, удар, лизгање, превртување, урнување и сл.
- Паѓање на некој предмет или удар од некој предмет, освен кај работните машини, доколку за истите не е платена премија за осигурување од кршење
- Пожар
- Ненадејно надворешно термичко или хемиско дејство
- Удар од гром
- Експлозија, освен експлозија од нуклеарна енергија
- Луња
- Град
- Снежна лавина
- Паѓање на воздушни летала
- Манифестации и демонстрации
- Кражба, противправно одземање на возилото и разбојништво
- Злонамерни постапки или обест на трети лица
- Оштетување на тапацирот во осигуреното возило предизвикано при давање помош на лица кои се повредени во сообраќајна несреќа или на некој друг начин
- Намерно предизвикување на штета на осигурениот предмет со цел да се спречи поголема штета на тој или друг предмет или на лица
- Поплава, порој и високи води

Разлика меѓу осигурување со франшиза и без франшиза?

Овој вид осигурување може да се склучи и со одредена франшиза. Под франшиза се подразбира одредено учество на осигуреникот во претрпената штета.

Кај осигурувањето кое е склучено без франшиза осигуреникот има право на надоместување на целата штета што ја претрпел на своето возило, се разбира, ако ризикот е покриен со осигурување.

Кај осигурувањето кое се склучува со одредена франшиза осигуреникот има право на надомест на штетата само за разликата над договорениот износ на име франшиза.